Луѓето во Карпош знаат да ценат слобода, демократија и права и оваа општина е урбаното срце на овој град иако се обидоа да ја стават на колена, кажа кандидатот за градоначалник за Скопје, Петре Шилегов на партиската трибина во Карпош. На почетокот од обраќањето истакна дека пред 80 години се заокружило раѓањето на нашата држава и наша должност е секогаш да се потсетуваме на претците и да го негуваме наследството на НОБ, бидејќи благодарение на нив денеска живееме во слобода.

-Скопје стана град на сите и секој човек за мене е над политиката, кажа Шилегов, најавувајќи ги инфраструктурните проекти за наредниот мандат.

-Во Карпош реконструиравме делови од булеварот „Партизанска“, улиците „Ацо Шопов“, „Никола Парапунов“, иградивме и вело патеки на „Московска“ и „Осми септември“ со што заокруживме значаен дел од проетот велоград. Во иднина ќе работиме на решавање на сообраќајниот хаос. Ја градиме клучката Момин поток што е најсложениот проект во урбана средина. Оваа раскрсница ја знаеме по огромен метеж, а спојува четири општини и тука ќе се гради и првиот велосипедски мост во градот, рече Шилегов.

Тој додаде дека со пробивањето на булеварот до Волково и од булеварот „Хасан Приштина“ до обиколницата ќе се реши сообраќајниот хаос во западниот дел од градот.

-Мостот кај „Љубљанска“ е еден од двата моста кои ќе го растеретат сообраќајот. Едниот во Аеродром е при крај и со овој мост ќе стасаме до Бардовци во првата фаза, а потоа и до Визбегово, заклучи Шилегов.