Ги реконструиравме средните училишта во Карпош и обезбедивме прочистувачи за воздух во секоја училница, затоа што се грижиме за младите, нагласи кандидатот за градоначалник на Скопје, Петре Шилегов на трибината на СДСМ. Тој кажа дека во наредниот мандат дополнително ќе се залага за зелената агенда и надминување на сообраќајните предизвици.

-Само во Карпош имаме нови 34 илјади квадратни метри зеленило и жалам што ковидот ја запре реализацијата на паркот од 10 илјади квадратни метри во Карпош 4, но ќе продолжиме со проектот. Ново зеленило имаме и на двата нови урбани сквера, едниот во Тафталиџе и другиот кај гимназијата „Орце Николов“, рече Шилегов.

Тој изрази задоволство што наскоро започнува и реализацијата на БРТ системот за урбан транспорт, кој е, како што вели, најеколошкиот сообраќаен проект во било кој град во Европа, додавајќи дека и понатаму ќе се работи на подобрување на сообраќајната инфраструктура.

-Ја градиме клучката Момин поток што е најсложениот проект во урбана средина. Оваа раскрсница ја знаеме по огромен метеж, а спојува четири општини и тука ќе се гради и првиот велосипедски мост во градот. Мостот кај „Љубљанска“ е еден од двата моста кои ќе го растеретат сообраќајот. Едниот во Аеродром е при крај и со овој мост ќе стасаме до Бардовци во првата фаза, а потоа и до Визбегово, заклучи Шилегов.