Градоначалниците на Град Скопје, Петре Шилегов и на Општина Ѓорче Петров, Александар Наумоски вечерва ги посетија населбите Дексион и Кисела Јабука во оваа скопска општина.

– За нас секој човек е важен, секоја општина е важна. Од тие причини работиме сите општини да се развиваат со забрзано темпо, посочи Шилегов.

Осврнувајќи се на досегашниот период, Шилегов додаде дека и во Ѓорче Петров како и во другите скопски општини се инвестира во важни капитални проекти.

– Ги реконструиравме улиците Ѓорче Петров и 4-ти јули, кои се користени главно од нашите сограѓани кои живеат во Дексион, но и во другите околни населби, нагласи Шилегов.

– Започнавме и со реконструкција на улицата Лука Геров како главна сообраќајна артерија во населбата Даме Груев, а речиси секојдневно ја користат жителите на Ново Село, Волково, Кисела Јабука и Кучково. Реконструкцијата на оваа улица предвидено е да заврши до крајот на годинава, додава Шилегов.

Ги расчистуваме дивите депонии во општината, пробивме нови велосипедски патеки и подигнавме нови зелени површини. Поставуваме нова фекална и атмосферска канализација онаму каде што е потребно. Сето тоа го правиме заедно со локалната власт, за граѓаните на Ѓорче Петров, посочи Шилегов.

– Инвестираме над 52 милиони денари во реконструкција на средното училиште Кочо Рацин која ја започнавме годинава. Обезбедивме прочистувачи за воздух за секоја училница, додава Шилегов.

Во делот на градското зеленило, Шилегов потенцираше дека во Ѓорче Петров подигнати се над 6.400 метри квадратни нови и реконструирани паркови површини, со засадени околу 1000 садници.