Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов се обрати на централниот митинг на коалицијата „Најдоброто за мојата општина“ кој се одржа вечерва во скопската општина Аеродром.

– Мостот на булеварот АСНОМ кој беше ветуван од неколку мои претходници денес е реалност! За месец дена ќе се движиме по него. Годинава го врзуваме со постојната инфраструктура во Керамидница. За година дена ќе имаме булеварско решение до бул. Гоце Делчев. Некогашната улица АСНОМ денес е ултрамодерен булевар со велосипедски и пешачки патеки, ЛЕД осветлување, странично и средишно зеленило. За 70% ќе се скрати времето за патување од Ново Лисиче до Мавровка, а ќе се намали и метежот кои секое утро ги имаме кај Железничка, изјави Шилегов во рамките на своето обраќање на митингот во Аеродром.

– Се сеќавате дека Трета македонска бригада ја прошируваа со години, а во наследство ни оставија перална на сред булевар? И тоа го решивме. Изградбата на новата улица Есенинова е при крај! Таа го поврзува Аеродром со Кисела Вода и со неа конечно го решаваме хаосот кај Тутунски. Булевар Србија го направија без велосипедска патека, со тротоар само од едната страна. Сега од Јане Сандански до Александар Македонски можете безбедно да стигнете со велосипед преку велопатеката на бул. Србија, продолжи Шилегов.

– Започнавме реконструкција и проширување на Васко Карангелески кој сега станува булевар и во делот од Јане Сандански до Трета македонска бригада. Со велосипедски и пешачки патеки и со двојно повеќе зеленило од тоа што го има сега на истиот овој потег. Ги реконструиравме и Владимир Комаров, Февруарски Поход и Видое Смилевски Бато кој од неодамна има и нова велосипедска патека од страната на Реонски Центар, додаде Шилегов.

– Раскрсницата на Јане Сандански и Владимир Комаров денес е побогата за 2 прекрасни урбани скверови кои деноноќно се полни со насмеани луѓе. На барање на граѓаните од Мичурин ја исчистивме дивата депонија која се наоѓаше тука, изградивме паркиралиште и подигнавме нов парк на површина од 7.000 квадрати. И овој простор денес е полн со насмеани луѓе со ведри и задоволни лица. Во делот на градското зеленило, само во Аеродром подигнати се над 47.000 метри квадратни нови и реконструирани зелени површини, со засадени над 3,800 садници, потенцираше Шилегов.

– Аеродром конечно ќе ја добие и ветената Гимназија. Ова ветување не успеавме да го реализираме заради буџетските ограничувања во пандемијата, како и заради непостоењето на локација соодветна за ваква намена во урбанистичките планови. Затоа, започнуваме со проектирање на нова скопска гимназија во огромниот двор на училиштето Димитар Влахов која започнуваме да ја градиме во 2023-та, а во 2025-та ќе ги прими своите први ученици. По примерот на ОУ Киро Глигоров во Капиштец објектот на гимназијата ќе се гради со модерна енергетски ефикасна зграда, со многу социјални простори за децата и функционална спортска сала за различни спортови, најави Шилегов.

– Аеродром ги реконструиравме средните училишта Марија Кири Склодовска, Владо Тасевски и Димитар Влахов, а обезбедивме и прочистувачи за воздух за секоја училница, додаде тој.

– Денес презентиравме план за финансиска поддршка за младите со кој ги мотивираме да не се селат во странство и да останат да живеат во нашето сакано Скопје. Со овој план го субвенционираме згрижувањето на децата во државните градинки преку покривање на максимум 50% од месечниот трошок. Понатаму, сите ученици од основните училишта во градот ќе добиваат до 50% поевтин оброк за време на престојот во училиште. Родителите ќе можат да задржат до 200 евра годишно во семејниот буџет, нагласи Шилегов.

– За остварување на желбата за потомство, го помагаме процесот на биомедицинско потпомогнато оплодување преку финансиска поддршка на паровите. На сите постдипломци и докторанди кои студираат на државните универзитети во Скопје им овозможуваме бесплатен превоз во градските автобуси. До сега беше бесплатен за средношколците и студентите. Обезбедуваме 100 стипендии во висина од 12.000 денари месечно за најдобрите средношколци од средните училишта на Град Скопје кои ќе се запишат на некој од државните универзитети. За секој средношколец од јавните училишта, обезбедуваме бесплатно овошје за време на училишниот престој, потенцираше Шилегов претставувајќи го планот за финансиска поддршка за младите.

– Со Скопје Смарт сити, Скопје станува град без шалтери! Сите плаќања и сите документи ќе бидат достапни на интернет и на телефон. Преку истиот проект се поставуваат 10.000 нови лед светилки со што Скопје добива совршено осветлени и безбедни улици, вело патеки и тротоари. Со паметното осветлување, Град Скопје заштедува 1,3 милиони евра годишно на електрична енергија. Овие пари кои ќе се пренаменат за директна финансиска поддршка на граѓаните од различни групи, најави Шилегов.

– Драги мои, Вие сте моќта на овие избори, вие сте гаранција за победа што значи континуитет и грижа за секој човек, за секое семејство. Затоа е важно да излеземе на 17 октомври и да избереме континуитет за европско, уредно и зелено Скопје, заклучи Шилегов на крајот од неговото обраќање на митингот во Аеродром.