„Градот Скопје до сега има изработено пет фази од зелениот катастар. Попишани се околу 130 илјади дрвја, а во моментов тече шестата фаза на новоизградените булевари. Потпишани се договорите за соработка со сите општини и до март 2022 година ќе имаме катастар на блоковското зеленило“ кажа актуелниот и кандидат за градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов на дебатата на ТВ Телма.

Тој потенцираше дека пред носењето на новиот Генерален урбанистички план наредната година ќе биде целосно завршен зелениот катастар, со цел негово вклучување.

За време на дебатата Шилегов кажа дека планот за иградба на забавниот парк е влезен во финална фаза, а тој досега не е изграден поради пандемијата.

„Кога започна пандемијата на светско ниво, средствата кои беа обезбедени за забавниот парк ги пренаменивме за македонското стопанство. Бидејќи кога економските активности беа замрени, градоначалникот има должност јавните пари да ги пренасочува во инвестиции кои ќе дадат одржливот и зачувување на работни места за скопјани“ кажа Шилегов и додаде дека сега е готова финансиската конструција и изработен е проектот од страна на светски реномиран архитект, па се очекува да започне градбата.