На Скопје му треба континуитет затоа што до 2017 година тоа беше заборавен град кој не се развива, лошо шминкан со проектот Скопје 2014, истакна кандидатот за градоначалник на СДСМ, Петре Шилегов на дебатата на Канал 5 телевизија. Тој кажа дека градот бил сериозно неразвиен во делови од територијата, како Драчево, Бутел, Чаир, Ѓорче Петров, но овие четири години градот рамномерно се развива, за разлика од, како што вели Шилегов, претходното управување од партијата на Данела Арсовска.

-Во програмата на противкандидатите видовме список на желби, додека во реалноста напротив има интензивна реализација на она што навистина му треба на градот, како што се мостови, булевари, зеленило. Кејот што личеше на панаѓур сега е модерно шеталиште. По кејот на Вардар имаше змии, а сега е среден, рече Шилегов.

Тој кажа дека градот е внесен во поинаков правец, од град во кој работите не се движеле во град што е динамичен и најави дека во наредните четири години градот ќе ги надмине проблемите од областа на инфраструктурата, како и сообраќајот.

-Да се потсетиме дека главна тема минатите избори беше загадувањето на воздухот, а сега е подзаборавена. Таа војна не е добиена, но многу битки се освоени овие четири години.