Вчера се одржа 42. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка. Првата сесија во оваа година се одржа во виртуелен формат поради пандемичните услови. На сесијата беше презентиран научноистражувачки труд од областа на макроекономијата и финансиите.

По отворањето на сесијата со обраќањето на вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, беше презентиран трудот „Евроизација кај домаќинствата во Република Северна Македонија: Дали е блиску или далеку од оптималните нивоа?“ од Тања Јакимова, Милан Елисковски и Артина Беџети Бафтијари.

Во трудот се издвојуваат главните двигатели на евроизацијата на депозитите на домаќинствата во домашната економија, обезбедувајќи емпириска оценка за оптималното ниво на евроизација, по примерот на студија на ММФ за ова прашање. Имено, домаќинствата се најголемите иматели на депозити во домашните банки, поради што имаат значителен удел во севкупната евроизација во економијата. Во трудот е употребен модел на векторска корекција на грешките (VECM) за истражување на факторите коишто ја условуваат евроизацијата на домаќинствата, при што е утврдена позитивна врска со приватните трансфери, надоместоците на вработените и монетарните инструменти, а негативна врска со реалниот БДП по глава на жител. Резултатите коишто се однесуваат на проценетите коефициенти се во согласност со очекуваниот ефект. Воедно, со анализата е утврдено дека евроизацијата кај домаќинствата веќе подолг период се движи во рамките на оптималното ниво. На крајот, беше истакнато дека во иднина, макроекономската стабилност обезбедена преку политиките и мерките насочени кон јакнење на употребата на домашната валута можат дополнително да го поддржат трендот на деевроизација на економијата.

По презентацијата, на сесијата се водеше дискусија од учесниците, поттикнати од трудот и од изнесените заклучоци.

Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во јуни оваа година.