Од владејачкиот СДСМ велат дека и во време на најголема светска енергетска и економска криза, додека Владата предводена од СДСМ презема мерки за заштита на стандардот на граѓаните и помош на стопанството, на дело се гледа расипништвото на ВМРО-ДПМНЕ.

Градоначалниците од партијата предводена од Христијан Мицкоски, додаваат од СДСМ, не само што ништо не работат расипнички ги трошат парите на граѓаните.

Потенцираат дека само во четири општини раководени од градоначлниците на ВМРО-ДПМНЕ годинава ќе се потрошат речиси еден милион евра за партиски вработувања.

Наместо за конкретни проекти и помош на граѓаните, градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ, реагираат од СДСМ, парите на граѓаните ги трошат на непродуктивни расходи и за партиски вработувања.

„Во тоа предничи Данела Арсовска која од буџетот на Град Скопје ќе потроши 670.000 евра за времени вработувања. Потоа следи Бобан Стефковски кој за иста намена од буџетот на општина Гази Баба ќе потроши 200.000 евра. Орце Ѓорѓиевски од Кисела Вода за вдомување на партиски кадри и медиумски гласници на ВМРО-ДПМНЕ ќе потроши 100.000 евра, додека неговиот колега од Ѓорче Петров, Александар Стојковски за партиски вработувања ќе потроши над 25.000 евра. Сето тоа вкупно се еден милион евра, сериозни средства со кои може да се реализираат бројни проекти или со кои може да им се помогне на одредени категории граѓани во време на криза“, е посочено во соопштението од СДСМ.

Според нив, Мицкоски молчи на ваквото расипничко трошење на парите и не собра храброст јавно да ги повика градоначалниците да прекинат со расипничкото трошење на парите на граѓаните.

Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува, оценуваат од партијата на власт, тоа е истата нереформирана партија која неодговорно се однесува со парите на граѓаните а расипништвото е нејзин симбол.