Протестите на антиевропската коалиција предводена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ и проруската Левица не беа прорив последниот европски предлог туку нивната заднина беше неуспешен обид за рушење на Владата, наведува СДСМ преку соопштение.

Оттука велат дека сега кога информацијата за европскиот предлог е во Собранието, сите тоа јасно можат да го видат.

„Крвавите сценарија со намерно создавање тензии, конфликти, загрозување на стабилноста во државата се всушност борба за гола власт.

За свои лични цели, Мицкоски заедно со Апасиев беше подготвен да ја втурне целата држава во конфликт, преку опасно, мрачно и крваво сценарио за граѓански судир и етнички конфликт. Не успеја овие сценарија кои беа помогнати и од Алијанса.

Сега е одговорност на Собранието и избраниците на граѓаните да донесат одлука за иднината.

Сите политички чинители во државата сега треба да покажат одговорност, да придонесат важната државна одлука да биде донесена во демократска атмосфера.

Сериозни времиња бараат одговорни политичари.

Наместо насилство и дестабилизација да избереме хармонија и просперитет, во спротивно губитник е Република Северна Македонија и сите нејзини граѓани“, се додава во соопштението на СДСМ.