Кога ВМРО-ДПМНЕ ја има локалната власт, тоа значи игнорирање на потребите на граѓаните и уназадување на општините, бетонизација и сомнителни урбанистички планови, оценуваат од СДСМ.

Додаваат дека со новиот детален урбанистички план на општина Аеродром, ВМРО-ДПМНЕ и Тимчо Муцунски во Лисиче запишаа и пет катастарски парцели, на кои дозволуваат да никнат десетина висококатници.

„Парцелите во Лисиче со површина од над 1000 метри квардатни, биле купени од инвеститори, како ниви, пред носењето на урбанистичкиот план. Сомневања за корупција отвораат прашањата како инвеститорите знаеле кои парцели ќе добијат маркици за згради високи и до 10 ката, како знаеле дека општината ќе одобри градежен бум, на ниви, во дел каде што има куќи. Граѓаните се разочарани, реагираат поради носењето на планот речиси зад нивниот грб и бараат одговори зошто во Лисиче, каде аерозагаденоста континуирано урива рекорди, ВМРО-ДПМНЕ дозволува да никне висок бетонски појас згради“, е наведено во информацијата од СДСМ.

Оценуваат дека наместо поквалитетни услови за живот, зеленило и мега паркови, граѓаните од ВМРО-ДПМНЕ добиваат бетонизација и загадување а градоначалникот Муцунски и локлната власт на ВМРО-ДПМНЕ, според нив, ја изиграа довербата на граѓаните.