Во интерес на учениците и образованието е да продолжи учебната година. Правото на штрајк е уставно загарантирано, но исто така и правото на образование кое не смее да биде нарушено, соопшти СДСМ.

„ СДСМ како партија постојано покажува дека го цени и вреднува трудот на наставниците, професорите, на сите работници. Во образованието, СДСМ ги покачи платите за 21%, пет пати повеќе од времето на ВМРО-ДПМНЕ кога се покачија едвај за 4%.

Ги подобривме условите за работа во воспитно образовните институции. Реконструиравме и изградивме над 80 училишта, а за оваа година за капитални инвестиции во образованието издвојуваме над една милијарда денари. Опремивме 264 кабинети по природни науки и издвоивме 54 милиони денари за образовни асистенти.

Од 2017 година досега отворивме 61 градинка а годинава се отвараат десет нови градинки. За истиот период платите на воспитувачките во градинките ги зголемивме за 6.000 денари од времето на ВМРО-ДПМНЕ.

Уценувачкиот потег на СОНК, односно одбивањето на предлогот на Владата предводена од СДСМ за зголемување на платите за 10 отсто или 2.500 денари во просек и новата методологија за постојан раст на платите покажува дека овој синдикат не се води од интересите на наставниците и учениците.

Платите во обрзованието ќе се зголемат, ќе се создаде нова методологија, но пролонгирањето на учебната година на крајот ќе наштети на учениците, родителите, наставниците. Затоа раководството на СОНК да престане со уцените, да го прифати покачувањето на платите од 10%, наставата да продолжи затоа што тоа е во интерес на децата и учениците“ се наведува во соопштението.