Случајот „Парцели во Лисиче“ останува во фокусот на интересот на граѓаните во Аеродром. Поминаа точно 10 дена откако заврши јавната анкета преку која граѓаните му порачаа на Тимчо Муцунски дека се против изградбата на 9 висококатници на влезот на населбата Лисиче, рече на денешната прес конференција Милутин Ристевски, координатор на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Општина Аеродром.

– Точно 10 дена, наместо гаранција дека ќе ги избрише спорните градежни маркици, граѓаните слушаат лажни конструкции и лажни ветувања од Муцунски. Наместо да ги преземат сите потребни чекори за бришење на маркиците и на тој начин да ја спречат бетонизацијата на Лисиче, Муцунски и ВМРО-ДПМНЕ држат изјави полни со изговори, рече Ристевски.

Тој додаде дека нови 9 висококатници на влезот од Лисиче, за граѓаните недвосмислено ќе значат намален проток на воздух, зголемен сообраќаен метеж, хаос од непрописно паркирани возила и преоптоварени капацитети на водоводната и канализационата мрежа.

Според Ристевски, Муцунски им должи одговори на граѓаните.