Вчера Христијан Мицкоски велеше дека зачувувањето на чист македонски јазик во ЕУ е измислен успех, дека никогаш не бил спорен македонскиот јазик, за утрово неговата ВМРО-ДПМНЕ да тврди дека јазикот ни бил загрозен, велат од СДСМ.

„Едно зборува Мицкоски на прес-конференции, друго преку соопштенија од белиот дворец. Кој Мицкоски е реален, овој од денеска кој тврди дека македонскиот јазик ќе биде оспоруван пред ЕУ или тој од вчера кој велеше дека македонскиот јазик не е спорен? Ваквото несериозно однесување за важни национални прашања само потврдуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски немаат државнички капацитет и нивните ставови се менуваат од ден за ден“, посочуваат од партијата на власт.

Во предлогот на француското претседателство, како што додаваат од таму, јасно може да се види дека се содржани нашите ставови и забелешки, дека имаме чист македонски јазик во ЕУ, дека македонскиот идентитет е заштитен целосно, а историските прашања не се дел од преговарачкиот процес.