СДСМ бара посебна седница на Советот на Град на Град Скопје на кој би се разговарало за последните случувања со јавните претпријатија под надлежност на градот.

-За само една година, ВМРО-ДПМНЕ во Скопје предизвика целосен колапс на градот и јавните претпријатија под негова надлежност. Поради рацете во медот, поради бизнис интереси граѓаните на Скопје остануваат без основните функции. Два дена Скопје беше без јавен автобуски превоз поради штрајкот на вработените во ЈСП. Никогаш ова се нема случено. Иако вработените ја добија платата, останаа неодговорени прашањата за милионските долгови што ЈСП ги има направено во последната година, рече Никола Белимов од СДСМ на прес-конференција пред партиското седиште.

Според него, ситуацијата не е добра ниту во другите јавни претпријатија како „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“, каде една година управува ВМРО ДПМНЕ.

-Сето ова е поради неспособноста на градската власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска. Не само што нема нови проекти и инвестиции, не само што крупни проекти се прекинати, туку се доведува во прашање и основното функционирање на јавните претпријатија и установи во Скопје. Очекуваме ВМРО ДПМНЕ кое има мнозинство во Советот и Трајко Славевски како претседавач, да закаже наменска седница. Треба да се делува, рече Белимов.

Рече дека жителите на Скопје не заслужуваат, како што вели, неспособна градска власт која мисли само на лични бизнис интереси.

-СДСМ во Град Скопје со својата советничка листа ќе продолжи да се бори за интересите на скопјани и нема да дозволи граѓаните да трпат поради неспособноста на ВМРО-ДПМНЕ, рече Белимов.