Соопштение на СДСМ:

Градоначалничката на ВМРО-ДПМНЕ Данела Арсовска три месеци не работи ништо.

За време на овој период Арсовска не само што не реализира ниту еден конкретен проект од нејзината програма, таа се што прави е стопирање проекти и партизација на Град Скопје.

Универзалната сала стои недовршена. За овој важен проект за скопјани, Владата предводена од СДСМ обезбеди речиси 2 милиони евра. Но и покрај обезбедените средства и склучениот договор со изведувачот, Арсовска повеќе од три месеци ја стопира реализацијата на овој проект.

Арсовска го прекина Бас Рапид транзит, одби 70 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, а потоа бараше пари од Владата за да му се помогне на ЈСП.

Арсовска не сакаше да даде пари за да се субвенционира парното, а обезбеди 670.000 евра за 109 партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ во градската администрација.

Нема нови 250 автобуси на градските улици. Во Буџетот за 2022 не се обезбедени пари за набавка на нови еколошки автобуси, туку ЈСП пушта во употреба стари автобуси, претходно повлечени од употреба.

Ова е учинокот на Арсовска, нема ништо за граѓаните, ништо за развојот на градот, само деструктивни потези на штета на граѓаните.

Граѓаните од Арсовска очекуваат решенија за модерно Скопје, очекуваат да си ја совлада суетата и ароганцијата, да престане да бара оправдувања за нејзината неспособност и да почне да го работи она за што добила доверба од граѓаните.