Во колумната за „Слободен печат“ „Натпреварот за Скопје“, Валон Салиху го поставува прашањето зошто ВМРО-ДПМНЕ-АА-Алтернатива се кријат зад „независна“ кандидатка:

„Првата причина е да се изманипулираат скопјани – исто како што Мицкоски ги изманипулира кога во 2017-та влезе во Советот на Град Скопје (како носител на листа), па наместо да заигра, си даде оставка… Сега опозицијата си има создадено алиби и за претстојниот пораз во Скопје. Ако ВМРО-ДПМНЕ нема на терен партиски кандидат за градоначалник, теоретски не може ни да изгуби. Практично, сега за Мицкоски ќе шутира тандем од двајца макроекономисти што глумат дека се успешни менаџери-голгетери (исто како Мицкоски во 2017-та), иако досега немаат покажано никаков особен интерес за решавање на проблемите на скопскиот зелен терен.“

Според Салиху, втората причина зошто најголемата опозициска партиска коалиција сега се крие зад „независен кандидат“ е обидот за манипулација со албанските гласови: „Имам чувство дека кај Албанците во Скопје тешко поминува тимот помеѓу Мицкоски (сликан во толпата пред собранието на 27 април 2017) и албанската опозиција. На Албанците уште им се свежи шовинистичките протести на кои се скандираше против „двојазичност“, против „Тиранската платформа“, против „федерализација и кантонизација“ – протести од кои ВМРО-ДПМНЕ уште се нема оградено, ниту пак ги признава како свои. Затоа и првично најавената партиска кандидатка, необично се преобрази во „независна“ за да може побезболно да биде подржана од опозициските албански партии“.

Салиху смета дека ваквиот неискрен и нечесен пристап е потценувачки за скопјани, особено за Албанците: „Кај Албанците такви финти едноставно не поминуваат. Особено кога „независната кандидатка“ излегува на партиски митинг во Бутел и им се заблагодарува само на ВМРО-ДПМНЕ, и кога шутира пенал како партиски играч во Кисела Вода давајќи националистички изјави дека „борбата за Македонија“ почнува од Скопје.“

Салиху заклучува дека неискрениот пристап во комуникацијата со скопјани едноставно не поминува: „Исто како што неискрената игра на Мицкоски и Коце Трајаноски не помина кај скопјани во 2017-та, ни сега нема да помине неискреноста на „независната кандидатка“. Џабе целата глума дека е „непартиска“ и „аполитична“, кога и врапчињата на покривите знаат дека игра за предизборната партиска коалиција ВМРО-ДПМНЕ-АА-Алтернатива.“