Портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс вечерва изјави дека Кина има уникатен однос со Русија што може да се искористи за ставање крај на руската војна против Украина.

Американскиот советник за национална безбедност Џејк Саливан денеска во Рим разговараше со високиот кинески функционер Јанг Џиечи, а портпаролот на Стејт департментот Прајс го коментираше состанокот, истакнувајќи дека Пекинг има силни врски со Русија.

Во текот на викендот беа објавени извештаи во медиумите дека Русија бара економска и воена помош од Кина со цел да ги зајакне своите воени напори во Украина. Властите во Русија и Кина ги негираа информациите.

Портпаролката на Белата куќа Џен Псаки вечерва изјави дека Пекинг ќе се соочи со последици доколку одлучи да и помогне на Русија во форма на испраќање воена опрема или ублажување на последиците од санкциите што Западот ги воведе кон Москва.