Германскиот канцелар Олаф Шолц изрази сомневање дека претседателските советници целосно го информираат претседателот Владимир Путин за ситуацијата во Украина.

На германски политички поткаст, што ќе биде објавен в недела, Шолц вели дека е убеден оти рускиот претседател не е добро информиран и дека неговите служби кријат многу од него.

„На пример, колку руски војници загинале во оваа војна“, посочува германскиот канцелар.

Слична изјава даде и шефот на британската разузнавачка агенција GCHQ, кој во четвртокот рече дека советниците на Путин се плашат да му ја кажат вистината. Коментари во оваа насока даде и американската влада во четвртокот повикувајќи се на своите разузнавачки информации.

Сепак, рече Шолц, Кремљ треба да биде свесен за размерите на неговата погрешна процена за Украина. Путин почувствува дека е измамен од руската војска, вели Шолц, што, според него, предизвикало тензии меѓу лидерот на Кремљ и военото раководство.

Шолц смета дека Русија не може да излезе како победник од оваа ситуација, без разлика како ќе заврши конфликтот.

„Оваа војна ја уништува не само Украина туку и иднината на Русија“, рече тој додавајќи дека без мирно решение, Русија нема да може да се врати ниту на умерен економски раст.