Сигурно и континуирано снабдување со енергија и енергенси на сите потрошувачи – е клучната мисија што Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) ја реализираше во најтешката година на глобална енергетска криза. Воедно, РКЕ продолжи да ги спроведува реформите во енергетската регулатива, поради што петта година по ред е оцената за најдобар регулатор од страна на Енергетската заедница – стои во Годишниот извештај за 2022 година за работата на РКЕ, што е доставен до Собранието на Република Северна Македонија.

https://www.erc.org.mk/odluki/2023.04.26_RKE%20GI%202022-FINAL.pdf

„Минатата година ќе остане запаметена по тоа што спроведовме реформа на тарифниот систем со воведување на Блок тарифи во пресметувањето на потрошувачката на електрична енергија. Оваа клучна регулаторна реформа беше првиот одговор на енергетската криза поттикната од податоците дека во земјава 1% од потрошувачите трошат 20% од домашната произведена енергија. Реформата се заснова токму врз принципот „Кој троши помалку, да плаќа помалку“, што даде резултат – заштеда од над 16 % на електрична енергија во првиот квартал од воведувањето на реформата“ – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

Високите цени на електрична енергија беа мотив потрошувачите да почнат со инвестиции во фотонапонски панели на постојните објекти, а произведената електрична енергија ја користеа за сопствени потреби. Инсталираниот капацитет на обновливи извори се зголеми на рекордни 144,4 MW, што пак влијаеше на намалување на вкупната електрична енергија преземена од системот.

„Вкупно 267 централи од обновливи извори на енергија се здобија со лиценци, со вкупен инсталиран капацитет еднаков на три стратешки енергетски капацитети кои државата ги градела со години – ХЕЦ Козјак, ХЕЦ СВ Петка и ветрениот парк Богданци“ – изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

РКЕ во 2022 година издаде нови лиценци за вршење на дејностите во секторот за топлинска енергија на ЕСМ СНАБДУВАЊЕ, ЕСМ ДИСТРИБУЦИЈА и ЕСМ ПРОДАЖБА, откако претходно БЕГ побара престанок на своите лиценци.

Во делот на природниот гас со потпишувањето на Договорот за интерконекција помеѓу ГА-МА АД Скопје и Булгартрансгаз се зголеми капацитетот на гасоводот, како и се обезбеди можност земјава да се снабдува со гас од повеќе извори преку Република Бугарија.