Во првиот квартал од 2022 година „Реплек АД“ оствари раст на приходите од продажба од 5,7 отсто во споредба со истиот период минатата година. Остварените резултати се убедливо најголемиот раст на приходите од продажба на компанијата во прв квартал од почетокот на нејзиното постоење. На домашниот пазар приходите од продажбата се зголемиле за над 15 отсто. Компанијата бележи значаен раст од 3,7 отсто и на странските пазари, и тоа во услови на здравствена и воена криза.

Според проекциите, компанијата таргетира раст на приходите од продажба за над 20 отсто до крајот на годината.

Солидниот резултат што компанијата го оствари од продажба во првиот квартал од годинава, покрај другото е резултат и на новата извозна стратегија со што се зајакнаа и извозните позиции. Покрај тоа, „Реплек АД“ ги зајакна и своите пазарни позиции преку силната диверзификација на извозот. Во таа насока, компанијата за прв пат го осигура извозот на производите од своето портфолио, со што значително се намалува ризикот. Како резултат на новата извозна стратегија компанијата го продолжува освојувањето на нови пазари во Европската унија (ЕУ), Африка и Азија.

„Резултатите од првиот квартал се вистинска потврда на нашата одлука за проширување на портфолиото на производи и инвестиции во квалитетот на пласманите на пазарите. Оваа одлука донесе конкретен успех на сите пазари каде што сме присутни. Имаме силен развоен бизнис план кој ќе го оствариме со уште посилно темпо, а  успехот што го постигнавме во првиот квартал е одлична вест за нас, но и за нашите вработени и нашите акционери. Развојот и успехот на нашата компанија е можен само со заеднички заложби и енергија која ќе ги забрза овие процеси. Тоа ќе донесе бенефит за сите, а најмногу за нашите потрошувачи. Очекуваме преку инвестиции и иновации да внесеме нова додадена вредност на „Реплек АД“, што ќе рефлектира модерност, флексибилност и нови производи со што дополнително ќе ги зајакнеме нашите пазарни позиции“, истакна Душан Пецовски, претседател на Управниот одбор на „Реплек АД“.

„Реплек АД“ започна нов развоен циклус во компанијата, а дел од овој процес, чија цел е унапредување на сите нејзини активности, е и зголемување на капацитетите. Во таа насока, компанијата го завршува процесот на инвестиции во новиот погон, кој набрзо ќе биде ставен во функција.

Како извозна компанија, „Реплек АД“ останува фокусирана на зајакнување на своето присуство на пазарите во ЕУ. Покрај тоа, компанијата активно работи и на проширување на соработката со земјите членки на Асоцијацијата на југоисточните азиски нации (АСЕАН), а се работи и на подобро позиционирање на домашниот и регионалните пазари.

„Реплек АД“ е извозно ориентирана компанија која на странските пазари пласира 75 отсто од своето производство, а 25 отсто отпаѓа на домашниот пазар. Производите на компанијата се присутни на повеќе од 25 пазари во целиот свет. Меѓу нив, покрај оние на земјите од ЕУ, најголеми се и пазарите на Русија, Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Грузија, Виетнам и други.

„Реплек АД“ вработува околу 500 лица, а компанијата е основач и на „Реплек Фарм“, која од 2011 година го поседува ГМП-сертификатот на ЕУ за добри производни практики во фармацевтската индустрија. Овој сертификат гарантира квалитет и е потврда дека лековите на компанијата се целосно усогласени со највисоките светски стандарди во оваа индустрија.