Годишната стапка на инфлација во Германија се зголеми на 10,4 отсто во октомври, во однос на 10 отсто во септември, покажаа официјалните податоци објавени од Дестатис.

Стапката достигна највисоко ниво од обединувањето на земјата, објави Дестатис.

Цените на енергијата се уште се главната причина за поскапувањата во земјата, истакна Георг Тиел, шеф на Дестатис. Месечната стапка на инфлација исто така во октомври изнесуваше 0,9 отсто, додава Дестатис во своето соопштение.

И покрај мерките за олеснување, цените на енергијата во Германија во октомври 2022 година беа за 43 отсто повисоки отколку во истиот месец од претходната година. Енергенсите во домаќинствата нагло пораснаа, за 55 отсто, повеќе од двојно се зголемија цените на природниот гас (раст од 109,8 отсто), а парното греење за 35,6 отсто. Поскапе и греењето со други извори на енергија: огревното дрво, дрвените пелети или другите цврсти горива се двојно поскапи (108,1 отсто).

Што се однесува до струјата, јавува Дестатис, таа е поскапа за 26 отсто. Главната причина за скапите енергетски производи во целина е наглото зголемување на меѓународните набавни цени, наведува Дестатис.