Постигнат е значаен напредок во сите области во кои е активен Проектот за унапредување на основното образование, беше заклучено на денешниот редовен состанок на кој освен министерката за образование и наука Мила Царовска учествуваа и Масимилијано Паолучи, регионален директор на Светска Банка , Бојана Нацева тим лидер на проектот како и други лица на Светска Банка вклучени во имплементацијата на Проектот. Претставниците од Светска банка, истакнаа дека се посебно задоволни од процесот на дигитализација на материјалите за учење, но и динамиката со која се опремуваат 260 кабинети по природни со што се создаваат поквалитетни услови за настава и потенцираа дека реализацијата е неопходно да продолжи во иста насока како и до сега.

На состанокот беше истакната важноста на напорите кои Министерството за образование и наука и Светска Банка како партнери ги вложуваат со цел да се подобрат условите за учење на учениците во основното образование , посебно во условите во кои се наоѓаме. Позитивно од сите присутни беа поздравени и заложбите и напорите на МОН за создавање на безбедно опкружување за децата во услови на пандемија со што се овозможува настава со физичко присуство, нешто што е многу важно за континуитет на образовниот процес и обезбедување на квалитетно образование.

Вкупната вредност на проектот изнесува 21,5 милиони евра и се реализира преку три основни компоненти кои се однесуваат на подобрување на учењето на ниво на училиште, реформи за национален прогрес во образованието и зајакнување на компетенциите на наставниците и директорите на училиштата. Проектот се имплементира преку единица за управување со проектот која функционира во МОН. Освен МОН, во проектот учествуваат и БРО, ДИЦ, Државен просветен инспекторат, општините и основните училишта.