По изборите во 2016 година земјава има напредок од речиси цел поен на Индексот за демократија на Економист. Од ужасно лошиот резултат со 5,23 поени во 2016 година, скорот сега се искачи на 6,1.

Минатата година Северна Македонија конечно беше ослободена од описот „хибриден режим“ и влезе во категоријата „демократии со недостатоци“, каде што оваа година покрај нас таму се наоѓаат уште 16 држави членки на ЕУ, како и Соединетите Американски Држави.

Во извештајот на Економист се наведува дека земјава, заедно со Молдавија и Црна Гора го консолидира напредокот истакнат минатата година, а се наведува дека напредокот на Северна Македонија се должи пред се поради напредокот во граѓанските слободи.

Според Економист само 8 отсто од граѓаните во светот живеат во целосни демократии во 24 држави, додека 48 држави се оценети како „демократии со недостатоци“ во кои живее 37,3 отсто од светската популација. Хибридни режими, според Економист, има 36 со 17,9 отсто од населението, а најмногу има авторитарни режими – 59 во кои живеат 36,9 отсто од населението.