Приреди: Мирјана ВАСИЛЕВА

Сè повеќе земји ширум светот воведуваат целосни или делумни забрани за ТикТок во јавниот сектор поради зголемени грижи за националната безбедност. Повеќето од забраните што беа наметнати се ограничени на уредите од јавниот сектор или владата, но сè поголем број приватни компании еднострано ја блокираат апликацијата бидејќи американската влада размислува за целосна забрана доколку кинеските сопственици на ТикТок не продадат американска верзија на апликацијата.

Обединетото Кралство и Нов Зеланд минатата недела објавија мерки за блокирање на ТикТок од државните уреди, што дополнително ги зголеми тензиите меѓу сопствениците на апликацијата и западниот свет.

Во САД, Белата куќа минатиот месец им даде на федералните агенции 30 дена да го отстранат ТикТок од сите телефони и системи. Одделот за правда и ФБИ во моментов ја истражуваат социјалната мрежа за следење на новинари преку апликацијата.

Монтана стана првата држава во Америка која донесе закон за забрана на апликацијата ТикТок на лични уреди. Приказната за забраната на ТикТок трае подолго време и американските власти постојано изразуваа загриженост за заканата по националната безбедност преку споделување на кориснички податоци. Монтана стана првата американска држава што го забрани ТикТок. Доколку гувернерот Грег Џанфорте го потпише усвоениот закон, тој ќе стапи на сила во јануари 2024 година.

Кинеската компанија ByteDance веќе најави дека преку правни средства ќе се спротивстави на оваа одлука. Предложениот закон оваа американска држава наведува дека „ТикТок“ претставува ризик од надзор од кинеските власти над американските корисници.

Упадот во приватноста и заштита на личните податоци беа првичните мотиви за банирање на ТикТок, но, како и во овој з акон, се понагласени се и причините како што се опасните активности кај помладите корисници кои се доминантните корисници на оваа социјална мрежа.

Како примери се наведуваат борјните игри со предизвици кои се опасни по животот и безбедноста, како случаи во кои се воздигнуваат и оправдуваат насилни активности, па дури и убиства и самоубиства.

За подобро да го илустрира тоа, „Axios“ објави графикон на кој е прикажана светска мапа со земји кои одлучиле да ја забранат апликацијата во сопственост на кинеската компанија „ByteDance“.

Според графиконот, земјите кои воведоа делумна забрана, што значи дека апликацијата нема да биде дозволена на официјалните телефони на јавните службеници, се: САД, Канада, Нов Зеланд, Тајван, Финска, Шведска, Франција, Австрија, Шпанија, Португалија, Холандија, Белгија, Литванија, Латвија, Естонија, Германија, Велика Британија, Чешка, Полска, Романија, Бугарија, Словенија, Италија, Словачка, Хрватска, Унгарија, Данска и Грција.

Во овие земји забранатa за ТикТок се однесува за владините уреди, но не и за приватните телефони. Земји кои воведоа целосна забрана за ТикТок се Индија, Авганистан и Индонезија. Во меѓувреме, Пакистан и Бангладеш воведоа привремена забрана.

Кој прв ја забрани употребата на ТикТок?
Меѓу пионерите на забраната е Индија. Оваа земја ја забрани употребата на апликацијата пред три години заедно со десетици други кинески, меѓу кои и апликацијата за пораки WeChat, поради загриженост за приватноста и безбедноста.

Забраната дојде веднаш откако 20 индиски војници беа убиени, а десетици повредени во судир меѓу индиските и кинеските војници на спорната граница на Хималаите.

Минатата година, Тајван забрани јавна употреба на ТикТок откако ФБИ предупреди дека апликацијата претставува ризик за националната безбедност.

Пакистанските власти привремено го забранија ТикТок најмалку четири пати од октомври 2020 година, наведувајќи загриженост дека апликацијата промовира неморална содржина. Раководството на талибанците во Авганистан ги забрани ТикТок и играта PUBG во 2022 година врз основа на заштита на младите од „залажување“.

Приватните компании и мрежи исто така почнуваат да донесуваат одлуки. Некои американски колеџи исто така го забрануваат ТикТок на нивните локални мрежи, наведувајќи безбедносни причини. Би-Би-Сиги советуваше вработените да ја избришат апликацијата, а данската јавна телевизија донесе слична одлука.

ТикТок го промени бизнис моделот на социјалните мрежи

И додека многумина најавуваат крај на ТикТок, а извршниот директор Шо Зи Шев се бори со американскиот Конгрес, мрежата има повеќе од милијарда активни корисници според најновите податоци од март.

Судбината на „ТикТок“ виси на конец, но јасно е дека засекогаш ги промени социјалните мрежи и им го отежнува работењето на постарите апликации. За помалку од шест години, тој го одвикна светот од „старомодните“ социјални апликации и ги закачи корисниците на алгоритамски кратки видеа. Ова значи дека апликацијата ги препознава преференциите на корисникот и суштински ги „сместува“, за возврат уживајќи во зголемувањето на бројот на лојални корисници.

ТикТок ја разби конкуренцијата меѓу младата публика. Американците на возраст од 18 до 24 години поминуваат најмалку еден час дневно на ТикТок, што е двојно повеќе време отколку што поминуваат на Instagram и Snapchat, и пет пати повеќе отколку на Facebook.

ТикТок во Македонија
Во Македонија на ТикТок се „закачени“ над 110.000 корисници, а после трагичните случувања во Србија алармот се вклучи на црвено, особено откако беа забележани неколку случаи на мрежата во кои се одобруваат страшните настани во Белград и Младеновац во оваа наша соседна земја.

Поучени од случувањата, Министерството за образование организираше состанок со стручни лица на кој се разговараше за овие појави како и за начините како да се подигне безбедноста и во нашите училишта.

Од друга страна, министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу, во изјава за медиумите рече дека во овој момент нема став за забрана на која било социјална платформа, но дека случувањата во Србија наметнаа размислувања за воведување регулација на социјалните платформи, како и дека ова прашање ќе го постави како тема за една од наредните седници на Владата.

Експертите од оваа област, како што е комуникологот и познавач на социхјални мрежи Бојан Кордалов, во интервју за Рацин.мк истакна дека во делот на контролата и забраната за Тик-ток клучни се три аспекти: геополитичките односи, заштитата на луѓето, односно на нивните податоци, и заштитата на децата.

Како посебно сензитивно прашање Кордалов го издвојува она кое се однесува на злоупотребата на мрежата со содржини кои се опасни и животозагрозувачки за децата и младата популација

„На тоа бевме сведоци во изминатиот период со сѐ поголемиот број случаи во светот на фатален исход од тикток-манијата за креирање и снимање содржини опасни за животот. А, за жал, и во регионот имавме случаи на млади луѓе со трагичен крај. Исто така, дел од луѓето на различни возрасти преку содржините што ги креираа за да ги објават токму на Тикток го загрозуваа својот или туѓиот живот или прекршуваа закони, поради што подоцна се соочија со казни“, вели Кордалов.

Експертите за комуникации и педагозите се едногласни дека во предупредувањето дека институциите и чинителите, освен рестрикциите и забраните за користење на социјалните мрежи кога се децата во прашање, треба колку што е возможно најбргу да ја воведат дигиталната воспитна компонента за децата, дигиталната и медиумската писменост и во соработка со родителите да креираат безбедна средина во новата ера на социјални медиуми.

извор Рацин.мк