Соопштение за јавност

Со државничките одлуки на СДСМ и Договорот со ФРОНТЕКС македонскиот јазик го етаблиравме во Европската унија, тоа е вистински современ патриотизам, рече денеска генералниот секретар на СДСМ, Миле Зечевиќ Вардарски, на маалска средба во Кисела Вода, во рамки на теренските активности на СДСМ, рамо до рамо, до победа.

-Многу јасни и конкретни се националните придобивки од државничките политики на СДСМ, партијата која секогаш е на вистинската страна на македонската историја. Со одговорни, државнички политики ние успеавме меѓународно да го заштитиме, да го потврдиме и да го етаблираме македонскиот јазик. Договорот со Фронтекс е најсилна потврда за тоа. Не само што нема асимилација како што лажно обвинуваше опозицијата, македонскиот јазик без додавки и фусноти е рамноправен со сите останати јазици во Европската унија. Тоа е вистински, современ патриотизам, патриотизам на новото време, рече Зечевиќ во обраќањето пред граѓаните на Кисела Вода.

Како држава и како народ, мора да бидеме на мапата рамноправни европски држави, рамо до рамо со европските државотворни народ. Затоа е многу важно да истраеме на европскиот пат, додаде Зечевиќ.

Само 190 држави има во светот меѓу кои и ние, од вкупно 650 народи. Да го имаме на ум овој факт кој говори колку е важен секој чекор, секој национален, државен успех и колку може да бидат штетни погрешните одлуки за секоја нација, порача Зечевиќ.

-Од една страна европска иднина значи подобар животен стандард, напредок, европски вредности а од друга страна значи обезбеден, сочуван, за навек, македонски идентитет. Затоа е важно да истраеме на вистинскиот, на европскиот пат, да го заокружиме овој процес целосно и до крај. Глас за Европа во македонското Собрание е глас за европска иднина. Тоа е новата победа, Европска Македонија е новиот државен успех, рече Зечевиќ.

Соочени со предизвиците на новото време СДСМ го предводи тој европски концепт. Подготвени сме да направиме сè за нов државен успех, порача генералниот секретар на СДСМ денеска во Кисела Вода.