Денеска, (13.07.2021 година), министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, имаше работен состанок со претставници од Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор (ДКАФ). На средбата присуствуваа и претставници од организациски единици во рамки на Министерството за внатрешни работи, надлежни и активни во спроведување на проектите на ДКАФ.

Согласно предвидените теми за разговор, програмскиот менаџер во ДКАФ, Марк Ремилард на состанокот го презентираше извештајот за активностите спроведени во рамки на изминатиот тригодишен период, во однос на реформите во разузнавачкиот и безбедносниот сектор, меѓу кои усвојување закони, создавање нови институции, успешна имплементација на нови и одржливи механизми, кој како процес е поддржан од дански, швајцарски и шведски донатори.

Министерот Спасовски се заблагодари на досегашната соработка и истакна дека таа ќе продолжи и во иднина, пред сѐ во насока на зајакнување на капацитетите на министерството, изразувајќи интерес за поддршка при спроведување на активностите предложени од страна на ДКАФ кои ја опфаќаат областа на автоматизирана размена на податоци, градење полициски интегритет и унапредување на соработката помеѓу МВР и обвинителството и, секако, областа на реформи на безбедносниот и разузнавачкиот сектор.

Двете страни изразија задоволство што првите резултати од процесот покажуваат значаен успех, особено што станува збор за особено чувствителна област, која се карактеризира со бројни предизвици, посебно што сето ова се спроведува во отежнати услови за време на светска здравствена пандемија.