Финскиот претседател Саули Ниинисто вчера на пресконференција заедно со британскиот премиер Борис Џонсон му порача на рускиот претседател Владимир Путин дека тој ја предизвикал желбата на Финска да влезе во НАТО и дека треба „да се погледне во огледало“. Оваа изјава беше негов одоговр на прашањето дали влегувањето на неговата земја во НАТО ќе ја испровоцира Русија, јавува Би-Би-Си.

– Тие (Русите) се подготвени да ја нападнат својата соседна земја, па… мојот одговор би бил „ти го предизвика ова – погледни се во огледало – рече Ниинисто, објаснувајќи дека во Финска „не е првпат да се зборува за НАТО“.

Претседателот и премиерката на Финска утринава во заедничка изјава повикаа земјата да поднесе барање за членство во НАТО „без одложување“. Саули Ниинисто и Сана Марин рекоа дека очекуваат одлука во следните неколку дена, јавува Би-Би-Си.

Финска дели 1.300 километри граница со Русија. Досега земјата остана надвор од НАТО за да избегне пречки со својот источен сосед, но по избивањето на војната во Украина почна да размислува за полноправно членство.

Претходно беше најавено дека Финска нема да одржи референдум за НАТО, бидејќи доволен број од граѓаните ја поддржуваат оваа опција. Освен Финска и Шведска работи на забрзано аплицирање и влез во Алијансата.