Американски функционер за NBC изјави дека поради неуспехот на руската армија во Украина, растат тензиите меѓу рускиот претседател Владимир Путин и воените команданти и Министерството за одбрана.

Рускиот претседател, според американскиот функционер, смета дека војската го „измамила“ во извештаите за инвазијата на Украина. Официјалниот претставник додаде дека информациите за загубите на Русија, но и за влијанието на западните санкции, не стигнуваат до Путин бидејќи „неговите советници не се осмелуваат да му ја кажат вистината“.

„Помеѓу Путин и Министерството за одбрана има тензии поради недовербата на Путин кон лидерите на министерствата“, рече претставникот.

Американски официјален претставник изјави дека „Путин не знаел дека војската во Украина користи и губи регрути, што јасно покажува дефект во системот за известување на рускиот претседател“.

Доколку оваа информација се покаже како основана, може да ги објасни разликите во изјавите на некои руски министри и функционери, кои се попомирливи за преговорите со Украина, и самиот Путин, кој сè уште остава впечаток на човек кој не сака да прави компромиси.