Рускиот политичар со големо влијание во Кремљ, Владислав Сурков, е уапсен и ставен во домашен притвор, пишува Newsweek, додавајќи дека Сурков е еден од важните сојузници на Владимир Путин и помогнал во донесување на различни одлуки.

Во март 2021 година, „Фајненшл тајмс“ го нарече Сурков автор на идејата за „Путинизам“, систем на моќ дизајниран да го задржи Путин на власт. За Сурков се верува дека стои зад анексијата на Крим во 2014 година.

Но, според непотврдените тврдења на поранешниот руски пратеник Илја Пономарев, Сурков е во домашен притвор. Пономарев инаку е единствениот пратеник во Думата кој гласаше против анексијата на Крим.

За што точно е Сурков во притвор? Поведена е истрага за неговата можна проневера во регионот Донбас од 2014 година. Министерството за одбрана отсекогаш имало аверзија кон него, пишува Newsweek.

– Од една страна, иако Путин го ослободи Сурков од функцијата советник на претседателот во февруари 2020 година, до денес никој нема подобар увид во вистинската состојба и контактите со лидерите на проруските сепаратистички псевдорепублики од Сурков, кој исто така е близок до руските „донбас ветерани“. Трето, Сурков е близок со чеченскиот командант Кадиров, кој, очигледно, не донел некои одлуки сам, туку само во консултација со Сурков. Но, да ги почекаме официјалните извештаи – вели поранешниот руски пратеник Пономарев.

Доколку овие тврдења се покажат точни, Newsweek пишува дека тоа би бил спектакуларен пад на еден од најблиските соработници на Путин. Фајненшл тајмс во своја сторија пишува дека Сурков бил во Кремљ кога Путин ја освоил претседателската функција пред повеќе од две децении и ја искористил можноста да се доближи до владејачките структури.

Сурков тогаш за весникот изјавил:

– Кога се случи промената, ми беше сосема јасно дека личноста на новиот лидер нуди многу можности. Сфатив дека со Путин можам да постигнам сѐ што сакам.

Сурков го опишал рускиот политички систем во тоа време како контролирање на политичката опозиција и ограничување на протестите, вклучително и ограничување на политичките противници како на пример, Александар Навални.

– Државата мора да се заштити. Жал ми е ако звучам како пропагандист на Кремљ, но тоа е очигледна работа. Во сите земји со сила се кршат нелегални протести, зошто ние да бидеме поинакви – изјавил тогаш за Фајненшл Тајмс Сурков додавајќи дека Навални не е прифатлив за Русија.

– Германците го сакаат, нека му дадат пасош и нека биде избран во Бундестагот – додал тој.

Весникот и портал Newsweek неуспешно се обидел да добие коментар од Кремљ во врска со Сурков. Тие истакнуваат дека Путин е под голем политички притисок особено по окупацијата во која се проценува дека досега загинаа десет илјади руски војници.