Нов удар за џебот на граѓаните. По повисоките цени на енергенсите и храната деновиве ги очекува и поскапување на кредитите како на новите така и на веќе земените, откако Народната банка ја зголеми основната каматна стапка од 1,25 на 1,50 отсто. За оваа каматна стапка, пак , се врзани најголем дел од каматите на кредитите во земјава. Кредитите ќе поскапат и за компаниите.

Кога ќе почнат да важат новите каматни стапки во банките ќе зависи од нивната деловна политика, но главно сите банки ќе ја следат Народната банка.

За експертите ова е очекуван потег на централната банка кој нема драстично да ја зголеми цената на парите, но ќе се одрази кај кредитите на граѓаните кои во најголем број се со променлива каматна стапка.

Реакцијата на Народната банка дојде како одговор на растечката стапка на инфлацијата која во март се искачи на 8,8 отсто. Централната банка образложи дека мерката е превентивен одговор на растечките инфлациски очекувања, во услови на задржани оцени за отсуство на поизразени притисоци од домашната побарувачка и присутни надолни ризици за неа во следниот период.