Грчкиот градежен гигант „Интракат“, продолжува со изградбата на Клиничката болница во Штип. Градежните активности може да бидат завршени, веќе во јуни следната година, велат од оваа грчка компанија за порталот Локално.

Иако градбата на болницата, изминативе две години се одвиваше во Ковид криза, со бројни рестриктивни мерки, затворање на граници, а сега дополнителна неизвесност е и војната во Укранина, од „Интракат“ велат дека на објектот се работи според планираното.

Како голем кочничар во изградбата на болницата според, „Интракат“ е поранешниот подизведувач на новата штипска болница, пропадната компанија „Бетон Штип“, на контроверзниот бизнисмен Орце Камчев. Кога грчката градежна компанија, во август 2020 година, почнала засилено да работи на објектот, процесот го блокирал поранешниот подизведувач „Бетон Штип“.

Тие со неосновани тужби, се обиделе да отворат стечајна постапка кон подружницата на „Интракат“ отворена во Северна Македонија, а тоа ја забавило изградбата на болницата. Два пати „Бетон Штип“ предлагал отворање на стечајна постапка на подружницата на „Интракат“ и два пати судот во Скопје одлучува дека тоа не е можно во однос на доказите, објаснуваат од „Интракат“ за Локално.

„Тие поведуваат постапка за стечај, на „Интракат“ подружницата во Северна Македонија, имаат неосновани, измислени побарувања, базирани на фалсификат документи, а за самата судска постапка воопшто не се ни надлежни судовите во Северна Македонија. Во склучениот договор има арбитражна клаузула и недлежен е арбитражниот суд во Париз, а не македонските судови“ – велат од грчката градежна компанија за Локално.

Изминатиот период „Бетон Штип“ се обиде во јавноста да прикажат дека „Интракат“ должи средства и на други македонски компании, како и дека исплатите кои ги добивале од Министерството за здравство биле „криминални“.

„Ова е целосно неосновано обвинување без никакви докази, сè со цел свесно да се наруши имиџот на нашата компанија. Одговорно тврдиме дека нашата компанија нема долг кон ниеден добавувач или вработен во Северна Македонија. Тврдењето на „Бетон Штип“ дека тие имаат побарување до нас од околу 2,8 милиони е фиктивна бројка, која се заснова на фалсификувани документи. Штом „Интракат“ ја прекина соработката со „Бетон Штип“, издаде корпоративна гаранција. „Интракат“ дури и плати 100% од трошоците. На проектот секојдневно работат повеќе од 100 лица, од кои 30 се вработени во Интракат и добиваат редовни месечни примања, како и повеќе од 15 кооперанти. Нашата компанија редовно плаќа даноци, а ние немаме долг кон никого“ – велат од „Интракат“.

Што се однесува до последните исплати од Министерството за здравство, од „Интракат“ појаснуваат дека се работи за задоцнето плаќање за веќе завршена работа, во септември минатата година.

„Исплатата нема врска со смена на министерот, бидејќи имаше обвинувања во дел од медиумите. „Тоа е исплата што требаше да се реализира според процедурите од нашиот Договор“ – објаснуваат од „Интракат“ за Локално.