И покрај бројните критики од јавноста, сепак Владата покажа што значи да се биде дел од една силна Алијанса, како што е НАТО и да биде домаќин на вработени и нивни семејства во хуманитарните и миротворните мисии, активисти од организациите за човекови права, новинари, преведувачи, студенти, стипендисти, како и граѓани кои изминатите 20 години беа поддршка на НАТО сојузничките сили во Авганистан.

По само една недела откако група од 27 граѓани на Авганистан кои привремено престојуваа во Северна Македонија заминаа во Даблин, Република Ирска, како нивно трајно одредиште, денеска седуммина Авганистанци  од Меѓународниот аеродром Скопје преку Истанбул, заминаа за Португалија како нивно трајно одредиште. 

Во моментов привремено прибежиште кај нас имаат 407 граѓани од Авганистан кои исто така чекаат да заминат до крајните одредишта во светот.

Претходно група од 10 граѓани од Авганистан кои привремено беа згрижени во земјава заминаа за Франција. Друга група сочинета од 35 активисти за човекови права и женски права и членови на нивни семејства се упатија за траен престој во Грција и бројката континуирано се намалува.

Македонската Влада уште на почетокот на судирите во Авганистан соопшти дека ќе обезбеди привремено прибежиште за сите активисти кои работеле за невладините организации и институции чиј главен фокус биле демократијата и човековите права. 

Опозицијата како и секогаш ги подбуцнуваше граѓаните дека тие се дојдени во земјава да направат немири, дестабилизација и дека ќе останат трајно, сепак Владата гледаше кон поголемата слика, и докажа да дека да се биде дел од НАТО значи и да се помогне на загрозените, тогаш кога е најпотребно.

Тогаш министерот Бујар Османи истакна дека солидарноста се спроведува на дело, како и дека сме домаќинска земја, дека знаеме секому да му посакаме добредојде.

-Постојано говориме дека сме домаќинска земја, дека знаеме секому да му посакаме добредојде: Денес не правиме ништо различно, денес само на дело ја демонстрираме нашата солидарност и нашето топло добредојде на оние кои им е најпотребно. Со овие луѓе делиме заеднички вредности за слобода, за демократија, за мир и за еднаквост. За жал, не по нивна волја, на овие луѓе денес, но и на нивните семејства им е загрозена безбедноста, загрозени им се нивните животи, и затоа ние одлучивме да им помогнеме сега, денес, веднаш – т.е. кога им е најмногу потребно“, истакна тогаш министерот Османи во изјавата за медиумите.

Тој потсети дека се работи за наши сојузници, наши партнери кои 20 години соработуваа со нашата мисија во Авганистан.