Пишува Зоран БОЈАРОВСКИ за Рацин.мк

Во бучавата што ја создава опозицијата добро е постојано да се потсетуваме што е постигнато од 2017 година наваму за да го препознаеме прогресот како видлив и да го споредиме со претходното за да ни се потврди разликата.

За таа цел графичките дизајнери за Рацин.мк подготвија еден график кој на илустративен начин, низ споредбени податоци, доволно јасно говори за позитивните трендови во повеќе области.

Просечната мартовската пензија за сите пензионери во Северна Македонија ќе биде повисока за 1.484 денари односно 8,4 проценти.

Споредено со просечната во 2013 година, кога просечната пензија изнесуваше 11.540 денари, со мартовската корекција за оваа година таа е повисока за 55 % и изнесува 17.666 денари.

Во оваа 2023 година, ќе следува уште едно во септември, усогласено според трошоците за живот и порастот на просечната плата, што значи дека за само една календарска година растот на пензиите ќе биде околу 16 %. Или од првиот ден на актуелната Влада, во јануари минатата година, со покачувањата на пензиите во март и во септември 2022 и заедно со ова покачување од март оваа година, како и со покачувањето што следува во септември, пензиите ќе бидат поголеми 25%.

Според Државниот завод за статистика (ДЗС) денеска просечната плата исплатена во декември 2022 година достигна 34.364 денари, што за 14.8 отсто повеќе споредено со истиот месец од 2021 година.

Од обработените податоци на ДЗС, просечната плата е зголемена за 14,8 отсто во споредба со истиот месец од 2021 година. Убедливо најголема просечна нето-плата има во секторот Компјутерско програмирање, консултантски и сродни дејсности, која што во декември лани изнесувала 88.192 денари.

За разлика од годинава, просечната плата во 2013 година изнесувала 21.976 денари, што е за 200 евра помалку од платата во декември 2022 година.

Благодарение на системското решение за постојан пораст на минималната плата усвоен од страна на актуелната Влада, таа се корегира 2 пати годишно согласно висината на просечната плата и согласно трошоците за живот.

Минималната плата од месец март ќе биде 20.175 денари, односно таа ќе биде за 2000 денари повисока за една година. Зголемувањето на минималната плата ќе биде за 12,55 отсто, односно истата од месец март ќе изнесува 20.175 денари.

Од 2017 година имаме континуирано зголемување на минималната плата и тоа во 2017/2018 година на 12,000 ден, во 2019 година на 12,507 ден, во 2020 на 14,500 денари, во 2021 на 15,194 ден. Во март 2022 година минималната плата достигна 18,000 денари за разлика од 2016 кога минималната плата изнесуваше 10.080 денари, а во 2015 година таа изнесуваше 9.590 денари.

Во однос на странските директни инвестиции во 2022 година е забележан историски рекорден износ на странски директни инвестиции во земјата во износ од 753,8 милиони евра.

Северна Македонија има импресивни перформанси во Индексот на перформанси на странски директни инвестиции за 2022 година, констатира Investment Monitor, кој ги мери нивоата на внатрешни инвестиции на земјата во однос на нејзиниот бруто домашен производ (БДП) користејќи ја базата на податоци GlobalData, која ги следи гринфилд проектите.

Северна Македонија, со оценка од 11,5, добила повеќе од 11 пати повеќе од нејзиниот фер удел на влезни гринфилд странски директни инвестиции (СДИ) во споредба со она што може да се очекува со оглед на нејзиното ниво на БДП. Во тој поглед, Северна Македонија стои исклучително добро во однос на СДИ, заклучува Инвестмент Монитор.

Стапката на невработеност во четвртиот квартал во 2022 година изнесувала 14 отсто. Стапката на активност во овој период е 54.9, а стапката на вработеност 47.2. Тоа се податоци на Државниот завод за статистика, кој, колку за споредба во 2016 година констатирал дека 23,1% од неселението во земјата било невработено.

Во четвртото тримесечје од 2022 година, активното население во Република Северна Македонија изнесувало 802 280 лица, од кои вработени се 690 053, а 112 227 лица се невработени.

За тоа во која насока се движи нашето општество говори и степенот на слободата на медиумите.

Северна Македонија според светскиот индекс на слобода на печатот на „Репортери без граници“, објавен во мај во 2022 година, забележа скок од 33 места и се најде на 57-то место.

Претходната година таа беше на 90-тото, додека во 2014 беше закована на 123 место.

Според скорот од минатата година единствено пред Северна Македонија од балканските земји беа Хрватска и Словенија.

Сите овие податоци доволно аргументирано зборуваат дека прогресот е видлив и дека разликата го потврдува тоа.