Во програмата на новата влада на мандатарот Димитар Ковачевски се наведува дека ќе продолжи растот на минималната плата, со што ќе се влијае врз подобрувањето на стандардот на граѓаните.

Ковачевски во програмата наведува дека владата го цени и вреднува трудот на работникот, особено во услови на пандемија, енергетска криза и инфлаторни притисоци. Владата негува однос кон унпаредување на економскиот стандард на граѓаните со пониски примања, кој е искрен, чесен и реално остварлив, а низ инклузивен процес, со вклучување на сите релевантни фактори, синдикати, комори ќе се дојде до прифатливи решенија за сите страни.

Со растот на минималната и просечната плата ќе се стимулира економската активност, продуктивноста на трудот, како и конкуренцијата.Според проекциите на новата влада, до крајот на мандатот се очекува просечната плата да изнесува 34 илјади денари, базирано на континуираниот раст на просечната плата во изминатиот период.

Согласно Планот за забрзан економски раст, пак, со растот на инвестициите, се очекува стапката на невработеност во 2024 година да достигне 11,4 отсто и да се спушти под 10 отсто на 8,6 до крајот на 2026 година.