Во текот на денешниот ден Министерството за внатрешни работи преку претставници од Македонскиот полициски синдикат и секторите за внатрешни работи со своите оддели за превенција продолжија со активности во врска со кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“, чија цел е доближување до граѓаните на суштината, вредностите и карактеристиките на концептот – полициско работење со заедницата. Важноста на градењето партнерство помеѓу полицијата и граѓаните, како и механизмите за контрола врз полицијата што придонесуваат за зголемување на нејзиниот кредибилитет и интегритет беа дел од темите на кои граѓаните имаа можност низ непосредни средби да поразговараат со полициските службеници во Кавадарци, Крива Паланка, Гостивар, Кочани, Валандово, Струга, Прилеп и Скопје.

Во текот на разговорите со жителите на овие градови, полициските службеници и портпаролите на Секторите за внатрешни работи ја потенцираа важноста на полицијата во државата и во заедницата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и општеството.

Покрај гарантирање на редот, мирот, безбедноста и владеењето на законите, полицијата работи на сузбивање на криминалот и води бескомпромисна борба со сите криминогени појави во општеството, па акцентот на средбите беше ставен и на превентивните мерки за зголемување на сигурноста на граѓаните, како и на почитувањето на основните права и слободи за граѓаните и обезбедувањето граѓански услуги.

Главната порака на кампањата пред граѓаните кои изразија забележителен интерес за овие активности е дека полициското работење во заедницата значи градење на партнерство кое се базира на доверба меѓу полицијата и граѓаните, а планската соработка придонесува за спречување криминалот со краен резултат зголемена безбедност и подобар квалитет на живеење.

Инаку, досегашните реформи и вложување во полицијата од актуелното раководство се наградени со висока доверба од страна на граѓаните, значително зголемена во последниве неколку години, а според нивните оценки полицијата стана една од трите најтранспарентни институции во државата. Така, активната транспарентност на МВР од просечни 59.5% во 2016, во 2022 достигна високи 91.7%, што претставува скок за 32.2%, поминувајќи три нивоа, од крајно затворена институција до многу добра активна транспарентност.

Кампањата „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“ започна минатиот викенд во осум градови на Секторите за внатрешни работи и ќе продолжи во следните два викенди низ поголем дел од градовите во државата, при што полицијата преку делење едукативен материјал и непосредни разговори со граѓаните одблиску ќе ја презентира улогата на полицијата во заедницата.