Кривичниот суд го прифати предлогот од обвинителството и ја продолжи мерката куќен притвор за 30 дена, на насилникот кој физички нападна новинарска екипа на ТВ 24.

Претходно Основното јавно обвинителство Скопје поднесе обвинителен предлог за кривично дело насилство од член 386 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

„Обвинетиот 67-годишник, на 14 ноември, со грубо навредување и со грубо насилство ја загрозил сигурноста на телевизиска екипа која снимала прилог во близина на неговиот дом“, се вели во соопштението од Обвинителство.

Оттаму објаснуваат дека „тој најпрвин вербално, а потоа и физички го нападнал снимателот, удирајќи го со десниот лакт кон левата долна вилица и нанесувајќи му телесна повреда – набиеница. Кај присутните сведоци на настанот – новинар и возач на телевизиската екипа, обвинетиот предизвикал чувство на несигурност, загрозување и страв“.