Високи воени претставници на НАТО изјавија дека рускиот претседател Владимир Путин очигледно досега не ги постигнал своите воени цели во Украина и „веројатно нема да ги постигне“, пренесува Би-би-си.

Сепак, тие истакнаа дека руските сили сè уште имаат капацитет да направат „голема штета“.

Официјални претставници на НАТО изјавија дека руските сили сè уште не успеале да го опколат Киев како што очекуваа да сторат за само неколку дена. Тој наведува дека досега не успеал и очекуваниот руски амфибиски напад на југот кај Одеса.

Претставниците на НАТО веруваат дека првичниот воен план на Русија вклучувал окупација на целиот украински брег на Црното Море – сè до Молдавија. Тие оценија дека руските инвазивни сили страдаат од недостиг на гориво и храна, а трпат и големи загуби. Тие рекоа дека претседателот Путин веќе бара засилување.

Еден официјален претставник рече дека е „многу веројатно“ тоа да вклучува доведување странски борци од Сирија и приватни воени единици, како што е групата Вагнер, во Украина, додека друг официјален претставник рече дека повикувањето на резервни сили „го чеша дното на бурето“.

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ја потценил силата на украинските сили, како и единството на НАТО, но дека е премногу рано да се шпекулира за исходот од војната.

– Целта му беше да го подели НАТО, а доби обединет НАТО. Сакаше помалку НАТО на своите граници, а доби повеќе НАТО – нагласи Столтенберг.