Претседателот Стево Пендаровски денеска во Варшава, во рамки на неговата официјална посета на Република Полска, беше одликуван со највисокото полско одликување, Орден на Белиот Орел, како симбол на блиските дипломатски и политички релации меѓу двете држави и претседатели и потврда на македонско-полското пријателство и партнерство.

Претседателот Стево Пендаровски со Орден „8 Септември“ го одликуваше претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда за исклучителен придонес во негувањето и во развивањето на дипломатските односи меѓу Република Полска и Република Северна Македонија, за неговото посветено застапување и зајакнување на стратешките цели на Северна Македонија, со цел зачленување во Европската Унија и во НАТО, како и за продлабочувањето на пријателските релации и стратешки соработки помеѓу двете земји на социо-културен план, што придонесува за демократските процеси на нашата земја.

Претседателот Пендаровски престојува во дводневна официјална посета на Република Полска. Со државни и воени почести, изутрината во Варшава, беше пречекан од претседателот на Република Полска, Анджеј Дуда, по што се одржа тет-а-тет средба на двајцата претседатели и пленарен состанок на македонската и полската делегација.

Претседателот Пендаровски попладне ќе оствари средба и со премиерот на Република Полска, Матеуж Моравјецки, а заедно со претседателот Дуда ќе присуствува и ќе се обрати на средба со претставници на полските комори и бизниси и македонски претставници од бизнис секторот.