Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, за време на заедничката вечера што ја приреди претседателот Стево Пендаровски во чест на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и на која присуствуваше државниот врв на Република Северна Македонија и Шефот на Мисијата на ЕУ во Скопје, Н.Е. Дејвид Гир, имаше прилика да разговара со високата гостинка. При тоа, тој изрази задоволство за нејзиното доаѓање токму во овој период кога целиот регион се соочува со влијанијата од актуелната енергетска криза, особено имајќи предвид дека нејзиното доаѓање е во насока на претставување на дополнителната поддршка што Европската унија ќе и ја даде на Република Северна Македонија и на регионот. Ова е исклучително поволен знак на заедништвото и поддршката од Европската унија и потврда за оправданоста на нашата стратешка определба за полноправно членство во Европската унија. Секако дека потпишувањето на Договорот со Фронтекс и на македонски јазик е потврда за тоа што претседателот Џафери го истакна при претходната средба со претседателката фон дер Лајен во јули оваа година, дека „Македонскиот јазик ќе биде регистриран без фусноти, и дека времето ќе покаже дека била донесена вистинската одлука.“

Претседателката Урсула фон дер Лајен истакна дека и е драго што може и на дело да ја потврди поддршката што ЕУ и ја дава на Република Северна Македонија и генерално на земјите од регионот.