Меѓу Владата и СОНК нема договор кој би го прекинал генералниот штрајк во училиштата и градинките што трае две работни недели, откако СОНК завчера ги отфрли заклучоците на Владата и ветувањето за 10 отсто повисоки плати на вработените со ребалансот на буџетот во мај или јуни. Со 10 проценти, месечните примања на наставниците и воспитувачите во просек ќе се зголемат за 2.500 денари, соопшти вчера Владата и додаде дека е понудена и методологија со која ќе обезбеди континуиран раст на платите и трајно решавање на социјалниот статус на вработените во образованието.

Владата оцени дека е неодговорно да се продолжи со генералниот штрајк покрај понуденото решение за раст на платите и повика преговорите да продолжат.

– Одлуката да се продолжи со генералниот штрајк, а децата да губат настава пред самиот крај на учебната година и да не се згрижуваат во градинките прави ненадоместлива штета на сите нас и на државата. Секој изгубен ден и час од образовниот процес е на директна штета на учениците и никој не може да ја надомести, а одговорен за оваа непоправлива загуба е Синдикатот и тоа никој не може да го оспори, соопшти Владата.

Во однос на платите на штрајкувачите, Владата информираше дека одлуката на СОНК за организирање генерален штрајк пред истекот на шестмесечниот рок за усогласување на минималната плата е груба манипулација и ставање во заблуда на штрајкувачите зашто причината е унапредување, а не кршење на работничките права.

-Согласно Законот за работни односи и колективните договори за основно и средно образование и за вработените во јавните установи за згрижување и воспитание на деца од предучилишна возраст, доколку се организира штрајк во периодот на усогласување на минималната плата, тој се смета дека се однесува на унапредување на правата на вработените кои штрајкуваат. Поради тоа, законското решение и решението согласно колективниот договор определува исплата само на придонесите на платите, укажа Владата.

Апелираше и премиерот Димитар Ковачевски со порака дека заедничко решение може и ќе се најде, меѓутоа, како што нагласи, СОНК треба да биде искрен пред своите членови дека Владата уште од првиот ден е отворена за преговори и дека тие не се водат под уцена, туку низ економско-социјален дијалог.

– Низ разговор со синдикатите и со репрезентативниот синдикат ќе дојдеме до решение во кое ќе имаме зголемување на платите во целиот јавен сектор. Апелирам наставниците да се вратат во училиштата…Уверен сум дека ќе дојдеме до решение и тоа не само до краткорочно, туку до достоинствено долгорочно решение за наставниците и за другите вработени во јавниот сектор. Ја покачивме минималната плата и постои законски рок од шест месеци за усогласување на платите. Тој рок не е истечен. СОНК без да го отвори дијалогот во рамки на тие шест месеци го започна штрајкот. Според мене, ги доведе во заблуда наставниците, рече Ковачевски.

Додаде дека кога ги образложил членовите од колективниот договор и од законот за исплаќање на плата во време на штрајк, претседателот на СОНК не бил искрен до крај, не ги кажал сите членови во однос на законскитe решенија.

Вчера се одржа прв состанок на владината работната група и претставници на ССМ за креирање нов Општ колективен договор во јавниот сектор, што беше заклучок од последната владина седница. Владата и ССМ се договориле за максимална вклученост на синдикалната организација во процесот за реформи во јавниот сектор кој опфаќа оптимизација и рационализација, како и заедничко дизајнирање нов закон за плати во јавниот сектор кој ќе треба да се применува од 1 јануари 2023 година.