Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Секторот за криминалистички истраги, Единицата за недозволена трговија со дрога подолг период врши истраги поврзани со недозволена трговија со синтетички дроги кои дилерите на дрога во нашата држава ги набавуваат преку користење на интернет платформата „Даркнет“ На ова поле, преку одличната меѓународна полициска соработка со германската сојузна царинска служба ЦКА и германската БКА, како и беспрекорната соработка со Царинската управа на РСМ, со поддршка на ,,ИПА 2019 – Сузбивање на сериозен криминал во Западен Балкан“ реализираше случај на недозволена трговија со амфетамин во Република Северна Македонија.

Имено, преку директна комуникација и соработка на ОСОСК – ЕНТД со ЦКА и БКА од СР Германија и помеѓу ОЈО Скопје и Јавното обвинителство од Франкфурт – СР Германија е добиено сознание за поштенски пратки со наркотични дроги кои пристигаат во нашата држава, а за кои постојат основи на сомнение дека континуирано биле нарачувани и плаќани преку ,,Даркнет“ со криптовалути. Притоа, ОСОСК со Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика, во заедничка синхронизирана и координирана операција со германските партнери, Царинската управа и Граничната полиција, на 15.09.2022 година приведе две лица од Скопје, кои во изминатиот период нарачувале амфетамин и други видови синтетички дроги кои пристигнувале сокриени во разни видови на поштенски пратки. За време на претресите во домовите на двете лица врз основа на Наредби од Основен кривичен суд – Скопје, покрај една поштенска пратка со амфетамин, ОСОСК – ЕНТД пронајде и одредени количини на марихуана, гасен пиштол и компјутерска опрема, за која постои сомнение дека се користела за нарачки на дрога. Во координација со ОЈО Скопје, денеска ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело ,,Недозволена трговија со наркотична дрога, психоактивни супстанци и прекурсори,, предвидено во член 215 од КЗ.

ОСОСК – ЕНТД продолжува со борбата против организираните облици на недозволена трговија со дрога во соработка со сите странски фактори и Јавните обвинителства.