Се нижат потресни сведоштва на македонски граѓани кои се испозаглавени поради брзите кеш кредити.

Според едно сведошство за Радио Слободна Европа објавено кон крајот на минатата година за долг од неколку илјади денари, поради доцнење, граѓани сега должат по неколку илјади евра во фирмите за брзи кредити и може да останат без своите домови. Народниот правобранител вели дека ваквите фирми некогаш барале долгот да се врати со камата од 50 отсто.

Скопјанка може да остане без стан во центарот на Скопје поради заем од скоро 5 илјади евра од три фирми за брзи кредити. Станува збор за 40-годишна жена која може да го загуби станот од околу 60 квадратни метри вреден околу 100 илјади евра, што го наследила од родителите, затоа што со својата плата од 24 илјади денари не можела да ги врати кредитите што ги зела од „продавници за пари“ чија вкупна вредност е речиси 5 илјади евра. Извршувањето на овој предмет не е завршено. Жената, која сакаше да остане анонимна, за Радио Слободна Европа вели дека приказната започнува наивно, со мал заем, ама завршува со извршители.

„На пример за недела ипол илјада денари им е камата, при задоцнување при плаќањето, една опомена за доцнење им чини 6 илјади денари. Јас зедов 7 илјади денари кредит и сега треба да вратам 70 илјади денари, со тоа нивно рефинансирање, опомени и камати. Барав да ги рефинансирам кредитите и влегов во еден вртлог каде што сега имам два извршители на врат“, вели таа.

Нејзината приказна започнува со желба да излекува болно куче. Кога првпат аплицирала за брз кредит не ѝ било јасно во каква „финансиска авантура“ влегува. Првите три дена се грејс период и за една недела почнува секојдневното потсетување дека доцни со уплатата.

„Тргнав со 7 илјади, за кратко време ти се јавуваат за рефинансирање на кредитот, па те уценуваат со извршители ако не сакаш да рефинансираш, па втор пат од 7 илјади на 17 илјади ми порасна, со третото рефинансирање од 33 илјади денари сум должна над 70 илјади денари“, вели таа за РСЕ.

Целата сторија која и ден денес е актуелна на Радио Слободна Европа .

Дали е време за строга регулација на овој сектор?