Телото на Мартин Костов од Чешиново, момчето кое минатиот вторник загина во сообраќајна несреќа на Малта, ќе биде донесено во сабота.

Од аеродромот во Скопје ќе биде однесено дирекно во капелата во Кочани, а вечерта ќе биде пренесено во неговиот дом во Чешиново. Погребот е во недела.

Ова за ММС го раскажаа неговите браќа Иван и Драган, кои од минатиот вторник, кога Мартин загина, до денес собираат средства за последното патување на нивниот брат.

Овие денови се објавија многу информации околу средствата, бидејќи транспортот на телото на Мартин од Малта во Македонија е скап, а семејството ги нема тие пари. Конзулот на Малта во Македонија, Кочо Анѓушев рече дека ќе се погрижи за тоа, но подоцна се упати и апел за донации, а фирма за погребални услуги од Кочани, објави дека ќе го превземе транстпортот на телото од Мегународниот аеродром во Скопје до Кочани, како и трошоците околу погребот.

Што конкретно се случувало овие десетина дена за ММС објаснија неговите браќа Иван и Драган.

-Нам ни се јави Анѓушев и ни кажа дека ќе покрие дел од средствата за транспорт. Му го дадовме бројот од Ивица, другарот на Мартин во Малта, за да се слушнат за да се види колку ќе чини транспортот. Анѓушев подоцна се јавил на брат ми Драган и рекол дека ќе пушти пари на наша сметка. Ивица во Малта прво се обратил во една фирма, каде му рекле дека транспортот ќе чини 4.750 евра. Ние се јавивме кај Анѓушев и му ја кажавме сумата. Но, во меѓувреме Ивица, зборувал со газдата на Мартин, кој му рекол дека има Агенција која може телото за 3.000 евра да го донесе. Ние и тоа го кажавме на Анѓушев. На Ивица веќе му стасала посмртницата од брат ми, но имало направено грешка, на брат ми му згрешиле ден на раѓање и треба да се корегира. Затоа сите овие денови бевме во исчекување кога ќе се средат докуметите, рече Иван за ММС.

Утрово Драган, другиот брат на Мартин, ни рече дека Анѓушев им пуштил на сметка околу 2.000 евра, а остатокот до 3.500 евра, колку што со сигурност веќе се знае дека ќе чини транспортот, ќе ќе го покријат со донациите.

-Веќе се стасани парите од Анѓушев, останатото ќе го покриеме со донациите. Средени се и документите во Малта и веќе со сигурност се знае дека телото на брат ми Мартин во Скопје ќе биде донесено во сабота во 10 часот наутро. Потоа погребалната фирма ќе го пренесе во капелата во Кочани, а вечерта ќе го превземеме ние во нашиот дом во Чешиново. Погребот го закажавме во недела, вели Драган.

И Иван и Драган велат „камо среќа да не требаше да се собираат пари. Камо среќа нивниот среден брат да беше жив“.

-Од минатиот вторник сме ниту на небо ниту на земја. Ние сме тројца браќа. Иван е најстар, потоа е Мартин, а јас сум најмал. Родени сме на по две години. Иван има 34, Мартин имаше 32, а јас имам 30. Мартин работеше тука келнер во рибник, и само што замина за Малта за подобар и посреќен живот, но не ете се врати. Околу 25 дена беше на Малта. Првите пет-шест дена немаше работа, а потоа почна да работи исто како и тука, келнер. Ни се јави и беше пресреќен, дека ете конечно ќе почне да печали. Мартин беше голем оптимист, секогаш насмеан. По се што се случува во државава, живот нема тука, така да ќе бараме излез во странство и ние. Ете Мартин беше нјахрабар од семејството, прв да тргне, нему му се укажа прилика. Требаше и Иван да замине ама ете што се случи сега, вели Драган.

Тие биле шокирани кога минатиот вторник се јавила сопругата на другарот на Мартин од Малта да им каже дека загинал. Особено мајка им, која и без оваа трагедија била со нарушено здравје.

-Татко ми е починат, а мајка ми не е добра со здравјето. Ова сега што се случи уште повеќе ја потресе. Беше навистина шок кога дознавме, не можевме да си дојдеме на себе. На мајка ми прво и удрија инекција, па потоа кажавме што се случило со Мартин. А планот му беше да остане, да заработува. Кога стаса ни каже дека е презадоволен, дека тргнал на работа, му се допаднало. Навистина се пронајде. Ама судбината до тука била, рече Драган за ММС.