Денес, претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, учествуваше на Завршната конференција за ЕУ Твининг-проектот за „Подобрување на надворешната ревизија и парламентарниот надзор“, кој што е дел од поддршката на Европската унија. Во конкретниот проект, Собранието учествуваше во Компонентата 3 – Зајакнување на соработката помеѓу Собранието и Државниот завод за ревизија, а самата реализација на проектот се одвиваше во тесна соработка на Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија со Националната канцеларија за ревизија на Република Бугарија и Државната канцеларија за ревизија на Република Хрватска. Во рамките на денешниот настан беше потпишан и Меморандум за соработка помеѓу Собранието на Република Северна Македонија и Државниот завод за ревизија на Република Северна Македонија од страна на претседателот Џафери и главниот ревизор, Максим Ацевски.

Во своето обраќање во рамките на Конференцијата, претседателот Џафери ја изрази својата убеденост дека со Меморандумот ќе се воспостават професионално одржливи и ефикасни односи помеѓу двете институции. Истиот ќе биде одлична основа за унапредување на соработката во насока на зајакнување на ефикасноста и транспарентноста на јавниот финансиски надзор, кој што е задача во рамките на надлежноста и делокругот на двете институции.

Во знак на благодарност и признание за извонредната поддршка и соработка при реализација на Твининг проектот, од име на Државниот завод за ревизија беше доделена Плакета за Собранието на Република Северна Македонија.