Денеска (12.09.2022) во Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија се одржа средба помеѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, придружуван од помошник министерот на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди Игор Арсовски и амбасадорот на Чешката Република, Н.Е. Јарослав Лудва, во придружба на делегација од Генералниот инспекторат на безбедносните сили на Чешката Република, предводена од директорот Радим Драгун.

На средбата двете страни изразија задоволство од континуираната плодна соработка, а беше упатена и посебна благодарност за огромната поддршка од чешка страна во насока на унапредување на капацитетите на Министерството за внатрешни работи, како и за овозможената поткрепа за справување со илегалната миграција со испраќање на чешки полициски службеници на нашата граница.

Унапредувањето на меѓусебната соработка во однос на спречувањето на корупцијата како феномен кој бара сеопфатен и мултидисциплинарен пристап за ефективна превенција и борба против неа и можностите за заедничко спроведување на истраги кои ќе доведат до конкретен резултат беа, исто така, во фокусот на денешната средба, во рамки на која беше потпишан и Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија и Генералниот инспекторат на безбедносните сили на Чешката Република.