Дигитализацијата на медиумите носи нови предизвици и трендови кои што е потребно да се следат да се задржи актуелноста на информациите, во насока на поедноставен пристап и подобар пласман на истите. За таа цел, ЗНМ, ССНМ и Бреинстер реализираа средба на која беше потпишан меморандум за соработка кој на активните членови на Здружението и Синдикатот ќе им овозможи надградба на образованието и унапредување на нивните вештини.

„Преку оваа соработка се олеснува пристапот до квалитетно неформално образование за новинарите и медиумските работници кои што сакаат бидат во тек со нови алатки потребни за работа во дигиталните медиуми, кои пак ќе донесат олеснување при работата. Тука влегуваат обуки за подобро снаоѓање во дигиталниот простор како и нови знаења за графички дизајн“ – изјави Драган Секуловски извршен директор на ЗНМ.

Павле Беловски, претседателот на ССНМ дополни: „Со овој меморандум новинарите стануваат конкурентни на медиумскиот пазар со тоа што ќе учат нови вештини кои се барани и актуелни, односно на овој начин колегите ќе бидат во тек со дигиталните трендови во онлајн медиумите“.

На средбата Стефан Смиљаноски, маркетинг директорот во Бреинстер рече: „Една од нашите главни цели како организација е да ги подготвиме индивидуалците за кариерите на 21 век, преку современи и иновативни образовни програми насочени кон развој на дигиталните вештини. Драго ни е што овојпат, ќе помогнеме на професионалци кои што се клучни за развојот на секое демократско општество. Важно е и медиумските работници што подобро да фатат чекор со вештините на новото време, меѓу кои и дигиталните, бидејќи истите ќе им помогнат да ги развијат своите медиуми и да станат поконкурентни на пазарот на труд“.

Активните членови на ЗНМ и ССНМ ќе можат да ги искористат бенефициите од склучениот меморандум за соработка со едукативниот центар Бреинстер, односно по повластени услови да се запишат на дел од образовните програми што ги нуди оваа едукативно-технолошка организација.