Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) потпишаа меморандум за соработка со кој се официјализира соработката меѓу двете организации со цел поддршка во национална борба против дискриминирачкиот говор и другите негативни појави во интернет просторот.

Претседателот на КСЗД, Кире Василев истакна дека во Комисијата има најмногу пријавени претставки за дискриминација во социјалните медиуми поради дискриминирачки говор и, како што вели, токму од тоа произлегува желбата за соработка.

„Најмногу пријавени претставки во 2022 година до КСЗД се однесуваат за дискриминирачки говор на социјалните медиуми. Оттука, јасна е потребата за потпишување на овој Меморандум, како и важноста од поширока општествена иницијатива за справување со ваквиот дискриминирачки говор“, истакна Василев при потпишувањето на Mеморандумот.

Тој истакна дека во тековната година КСЗД има примено на работа вкупно 96 претставки за утврдување на потенцијална дискриминација. За споредба, минатата 2021 година бројот на претставки кои биле адресирани до Комисијата изнесувал 90. Тоа значи дека оваа година, за период од пет месеци, КСЗД има примено на работа повеќе предмети од цела претходна година.

„Во 2022 година најголем број претставки се во областа на јавното информирање и медиумите, каде потпаѓаат и социјалните мрежи. Вкупно 36 претставки се разгледувани од страна на КСЗД во оваа област, што значи 37 отсто од вкупниот број претставки. Најмногу претставки добиваме поради дискриминирачки говор на социјалната мрежа Фејсбук“, рече претседателот на Комисијата, Кире Василев.

Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП, истакна дека дискриминирачкиот говор и другите негативни аспекти во интернет-просторот земаат голем замав и веќе постои широк општествен консензус дека со нив треба заеднички да се избориме.

„Денеска речиси не постои човек, кој, за жал, не се соочил со некоја дискриминирачка содржина или некаков негативен коментар во интернет-просторот. Превенцијата е клучна. Затоа не треба да дозволиме дискриминирачкиот говор да прерасне во нешто многу поголемо како што е говорот на омраза и со тоа да не попречи да изградиме инклузивно општество кое ќе почива на здрава комуникација“, истакна Кордалов по потпишувањето на Меморандумот помеѓу КСЗД и ИДУЕП.

Тој посочи дека целта треба да ни биде секој да се чувствува комфорно и безбедно во интернет-просторот. Бидејќи интернетот го користат различни категории луѓе, меѓу кои и деца, и никој не заслужува да биде таргет на дискриминација. Во голема мера лошата комуникација што се случува на интернет е рефлексија на лошата комуникација во земјата. Политичарите често покажуваат дека не знаат правилно да комуницираат меѓу себе, туку користат навредливи и тешки зборови.

„Медиумите често ја отвораат и разработуваат оваа тема и токму тоа како општество во голема мера нѐ спречува да отидеме предалеку во негативните аспекти на интернет. Но, мора јасно да посочиме и дека никој никому не попречува слобода на говор. Напротив, без дискриминирачки говор и навреди во интернет просторот секој од нас ќе има многу поголема слобода во изразувањето“, рече комуникологот Бојан Кордалов.

Потпишаниот Меморандум има за цел поддршка на работата на КСЗД преку воспоставувањето меѓусебна соработка и заедничко застапување во јавноста на темата поврзана со борбата против дискриминирачки говор, дискриминацијата и другите негативни аспекти во интернет просторот, како и креирање на поширока платформа на организации и други општествени чинители во процесот на изнаоѓање на успешни решенија, пракси, односно автентичен национален модел за ефикасно справување со дискриминирачкиот говор и другите негативни појави на интернет.

Двете страни потписнички ќе работат и на изнаоѓање на заедничка платформа за автоматизација на пријави поврзани со дискриминирачки говор на интернет до Комисијата преку аплицирање за меѓународна поддршка за имплементација на таков софтвер/решение од поширок јавен интерес и примена.