Зимското сметање на времето оваа година ќе почне на 31 октомври во 3 часот по полноќ. Тогаш стрелките на часовникот ќе се вратат еден час назад што значи дека денот ќе биде значително пократок. Имајќи предвид дека веќе почна да се стемнува во 18 часот, со воведувањето на зимското сметање на времето на крајот од идниот месец, темно ќе биде уште пред 17 часот.

Европскиот парламент во март 2019 година изгласа укинување на сезонското поместување на времето од 2021 година, но Советот сè уште нема донесено финална одлука за тоа.

Преминувањето од зимско на летно сметање на времето е воведено со образложение дека се „продолжува“ денот, се овозможува заштеда на електрична енергија, се зголемува продуктивноста на работната сила, се подобрува прилагодувањето на луѓето и работниот ден станува поефикасен.

Во поранешна СФР Југославија, а со тоа и во Македонија, летното сметање на времето првпат е воведено на 27 март 1983 година.

Првпат преминување од зимско на летно сметање на времето и обратно е забележано во 1916 година во државите на северна Европа, додека во западна Европа е воведено на почетокот на 70-тите години на минатиот век.