Владата на Република Северна Македонија, на денешната седница, ја разгледа и усвои Информација за Шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација помеѓу Република Северна Македонија и Европската Унија, со Платформа за настап на делегацијата на Република Северна Македонија.

Спогодбата за стабилизација и асоцијација (ССА) којашто стапи во сила на 1 април 2004 година, ја претставува рамката за спроведување на договорните односи, сѐ до приемот на Република Северна Македонија во Европската Унија.

Со оглед на ротирачкото претседателство со Советот за стабилизација и асоцијација, со овогодинешнот состанок, што е предвидено да се одржи неделава, на 17 март (петок) 2023 година, ќе претседава Република Северна Македонија, односно претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Димитар Ковачевски, а копретседавач од страната на Европоската Унија ќе биде високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел. Во делегацијата на Република Северна Македонија ќе бидат и заменикот на претседателот на Владата за европски прашања Бојан Маричиќ и министерот за надворешни работи, Бујар Османи. Во делегацијата на Евроопската Унија е предвидено да учествува и комесарот за добрососедска политика и проширување, Оливер Вархеји и претставници на земјите членки на Европската Унија и европските институции.