Фејсбук статус на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски:

Посетата на Брисел ја започнувам со посета на постојаната делегација на Република Северна Македонија во НАТО, со средба со амбасадорот Дане Талески, на која се потсетивме на 2020 година на исполнувањето на една од стратешките државни цели во интерес на граѓаните – полноправно членство во НАТО – најмоќниот безбедносно-политички сојуз во светот.

Загарантирани се мирот, стабилноста, безбедноста како на државата така и на регионално ниво. Дестабилизациите и загрозувањето на безбедноста на граѓаните се минато, додека кон новите безбедносни предизвици нашата држава сме заедно рамо до рамо со останатите 30 земји членки. Сега стоиме сплотени и споделуваме заеднички вредности со посебен акцент на почитување на човековите слободи и права, владеење на правото и демократските процеси.

Имајќи го предвид фактот дека МВР имаше исклучително значајна и комплексна задача согласно програмата за пристапување кон Алијансата и спроведување реформи, успеавме со напорна и посветена работа за краток временски период да ги исполниме сите обврски.

Не беше лесна задачата за нашата интеграција во НАТО, но тука не застануваме туку продолжуваме со несмален интензитет, посветена и одговорна работа и реализација на сите следни активности кои произлегуваат од членството во НАТО.